Јавната општинска установа Библиотека „Тане Георгиевски“ одбележува 80 години успешно постоење и работа. Свеченоста по повод значајниот јубилеј се одржа денеска во Занаетчискиот дом, а воедно во рамките на завршната манифестација по повод Месецот на книгата беа доделени дипломи и награди на најуспешните ученици, како и благодарници на сите учесници од општинските основни и средни училишта на литературниот и ликовниот натпревар претходно распишан, но и на натпреварот „Млад библиотекар“.
Присутните имаа можност да проследат презентација изработена од кумановските библиотекари, како вовед во установата некогаш и денес.
Дел од свеченото одбележување беше македонскиот современ автор Калина Малеска, добитничка на наградата Роман на годината за 2024 година според Фондацијата „Славко Јаневски”, за делото „Светот што го избрав”, која го промовираше своето најново литературно остварување.
Во Занаетчискиот дом беше поставена изложба на наградените творби, на книги кои имаат посебна вредност за Библиотеката и првиот број на локалниот весник „Наш весник“, кој е во фаза на дигитализација. Уметничките дела на талентираните ученици кои твореа на платно, ќе ги красат просториите на „Тане Георгиевски”.
Во рамките на пригодната културно – уметничка програма, настапија ученици од училиштето за основно музичко образование „Панче Пешев“ од Куманово и ученици од ООУ „Кочо Рацин“ со драмска изведба од делото „Евгениј Онегин“ на Пушкин.
Инаку, податоците говорат дека официјално библиотеката започнала со работа на 20 октомври 1945 година со фонд од околу 1300 книги – донација од граѓаните на Куманово.
