ВИДЕО: Отворена традиционалната ликовна изложба „Самоуки 2025“

Во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ вчеравечер беше отворена 35-та ликовна изложба „Самоуки 2025“. На изложбата се претставени 39 дела во форма на слики и цртежи изработени од 17 автори.

„Целта и идејата на оваа изложба е претставување на кумановските не академски уметници пред пошироката јавност, но, воедно и развивање на афинитети кон визуелните уметности, едукација и презентација на едно запоставено творештво коешто претставува едно локално богатство и заслужува да биде споделено со ликовната публика“, посочуваат од Центарот за култура.

-Навистина кога ќе ја видите оваа бројка на наши сограѓани кои учествуваат на оваа изложба навистина ни е полно срцето, и на вас и на нас како Центар за култура што веќе 35 години се организира оваа изложба во Куманово. Би сакал да истакнам дека кога зборуваме со некои други директори од други установи, исто така и тие сакаат да ја видат оваа изложба во нивните установи, па затоа често и знаеме да ја прошетаме оваа изложба да ја видат и другите градови во Македонија, не само Куманово. Ви посакувам уште многу да творите, да ја разубавувате нашата стварност бидејќи уметноста навистина ни е потребна во ова време, а вие со самото тоа што сликате покажувате дека навистина сакате и ја разубавувате нашата стварност – истакна Сашо Тодоровски, директор на НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово.

-Ваквите случувања се ретки, во цела Македонија е реткост да се случи некој да се собере и да добиеме, ние аматерите шанса да покажеме што чувствуваме, ова се сепак чувства на платно, а таа цена на чувство на платно не може никој да ја долови – кажа Билјана Јовчевска, самоук уметник.

Изложбата ја отвори градоначалникот Максим Димитриевски, а ќе биде поставена до 26 јуни годинава.

-Задоволство е 35 години во континуитет да се презентира, пред се, талент, но и многу вложен труд. Она што вечерва го гледаме сите овде не исполнува во целост, но првенствено не прави горди бидејќи ние кумановчаните покажуваме многу високо ниво на изразување, но пред се, на креативност. Различна возраст како што споменавме претходни тука во група, едни од најпознатите светски уметници немале диплома, но се изразиле, се изразувале и оставиле вечни сведоштва зад нив. Ја прогласувам оваа изложба за отворена и посакувам многу, многу години во иднина да се гледаме во што поголем број и со што поголем број на композиции и дела и да ја збогатуваме нашата не скромна збирка на уметнички дела која што е и во рамките на Музејот Куманово, но и во сопственост на Општина Куманово – рече Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам.