ВИДЕО: Отворено осмото издание на „Скици 2022“

Во изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ вчеравечер беше отворена биеналната изложба на цртежи „Скици 2022“. На изложбата учествуваат 14 академски ликовни уметници од Куманово. Осмото издание на „Скици 2022“ претставува континуиран напор за реализација на идејата – цртежот како ликовна дисциплина и понатаму да биде актуелизиран и промовиран пред пошироката публика и ликовната критика.

-Личниот творечки печат на кумановските автори од повеќе генерации, како и специфичниот третман на цртежот, се главната карактеристика на оваа цртачка збирка на триесетина цртежи во разни формати. Но, она што ги поврзува е, секако, афинитетот кон креативното изразување, слободата којашто ја дава цртежот, како и специфичната ликовна естетика креирана инстантно и непосредно, велат од Центарот за култура.

Изложбата ја отвори уметникот Стефан Јакимовски, редовен професор на Факултетот за дизајн и мултимедија при АУЕ-ФОН Универзитет и основач на катедрата за графички дизајн на истиот факултет.

Со свои цртежи на изложбата „Скици 2022“ се претстави и ликовната уметница Валентина Илијевска, која што реализирала повеќе самостојни изложби во земјава и странство, а учествувала и на многубројни групни изложби и меѓународни ликовни колонии. Член е на ДЛУМ и на ИКОМОС.

И ликовниот педагог Александар Стефановски, учествувал на повеќе групни изложби и Меѓународни ликовни колонии, а има реализирано и три самостојни ликовни изложби.

На изложбата годинава со свои дела учествуваа и академските ликовни уметници Зоран Јакимовски, Дејан Арсовски-Бабата, Зоран Арсовски-Бабата, Милена Арсовска, Симона Јакимовска, Мухамедали Алили-Дали, Ханифе Ислами, Ана Јовановска, Стефан Анчевски, Марија Величковска и најмладата ликовна уметница Симона Димковиќ, родена 1996 -та година во Куманово. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2019-та година, оддел ликовна педагогија со насока графика во класата на проф.д-р Трајче Блажевски. Димковиќ учествувала на повеќе групни изложби.