ВИДЕО: Пуштена во употреба железничката пруга Куманово – Бељаковце

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја пушти во употреба железничката пруга Куманово – Бељаковце, дел од Коридорот 8. Пругата е со должина од 30,8 километри и вклучува три нови железнички станици, шест стојалишта, пет мостови, еден тунел и многу други инфраструктурни објекти.  Пругата ќе значи економски напредок на овој регион, поврзување со соседите и подобрување на животот на граѓаните.

„Јас сум убеден дека наскоро ќе се заврши и втората секција во рокот кој што е предвиден во договорот. Многу скоро ќе заврши тендерската процедура од третата секција со што ќе бидеме целосно поврзани со нашиот источен сосед, а со тоа ќе бидеме и дел од еден многу важен коридор не само за ЕУ, туку и за НАТО“, рече Мицкоски, во своето обраќање пред присутните на свечениот настан.

„За две до три недели од денеска, со поддршка на ЈП Железница Транспорт почнуваме редовна линија Скопје – Куманово која во одредени денови во неделата ќе доаѓа и до тука, до Бељаковце, истакна вицепремиерот Александар Николоски.

На железничките станици и стојалишта е инсталирана сигнално-телекомуникациска опрема во вредност од 10 милиони евра, алуминиумски седишта, челични настрешници, дисплеи, лед осветлување. Дел од средствата се обезбедени од Европската унија, а во изградбата учествувале и компании од Италија, Словенија, Австрија и други.

Новиот железнички сегмент е важен чекор кон модернизација на транспортната инфраструктура во државата, со визија за долгорочно регионално и економско поврзување.