ВИДЕО: Рибарското здружение „Мак – Дам“ со вонредна крводарителска акција

Педесетина крвни единици се очекува да бидат собрани на денешната вонредна крводарителска акција која се одржува во просториите на Занаетчискиот дом во организација на рибарското здружение „Мак -Дам“ од Куманово. Организаторите се задоволни од интересот за нивните акции кои се поддржани не само од нивни членови, туку и од граѓани на Куманово, а во последно време се повеќе и од женската популација, што според претседателот на „Мак -Дам“, Марјан Вељановски е за поздравување. Тој ги повика и младите да се охрабрат и да даруваат крв.

-Досега имаме осум редовни и ова е втора вонредна акција по барање на Црвениот крст.  Во недостаток на крвни единици ние се решивме да направиме втора крводарителска акција. Обично на редовната акција за дарување на крв која е традиционална во јануари или на почеток на февруари месец собираме над сто крвни единици. На оваа акција се надеваме дека ќе има околу 50 крвни единици за да ги задоволи моменталните потреби, изјави Марјан Вељановски, претседател на ЗССР „Мак-Дам“ Куманово

Крводарителите апелираат сите граѓани да го следат нивниот пример.

-Редовен сум последниве седум-осум години. Човекот кога има потреба за крвни единици тогаш се освестува всушност колку е битно секој човек да дарува крв. Јас имав некои потреби од крв пред некое време за мојата сопруга и видов колку значи тоа и откако почна „Мак -Дам“ да организира акции редовно дарувам и на редовните и на вонредните акции. Дарувањето крв освен што е хуман чин, не е штетен за здравјето така што слободно младите можат да дојдат и да даруваат крв. Битно е да си крводарител, не е битно колку пати имаш дарувано крв. Колку помлад почнуваш да даруваш крв, толку подобро, а крводарителството носи и бенефити, ако имаш повеќе од десет пати дарувано крв имаш партиципација во здравството, изјави Бранислав Димовски, крводарител

На првата редовна крводарителска акција годинава организирана од „Мак-Дам“  биле собрани вкупно 139 крвни единици, посочуваат од рибарското здружение.