(ВИДЕО) СВР Куманово: Слави со срце, не користи петарди

„Слави со срце, не користи петарди и други пиротехнички средства“ е мотото на Министерството за внатрешни работи. И Секторот за внатрешни работи Куманово се приклучи во кампањата која укажува дека ваквите средства се опасни по здравјето и безбедноста на граѓаните. По тој повод полициски службеници на градскиот плоштад поделија флаери, со кои ги повикаа граѓаните да се придржуваат до законот, но и да мислат на сопствената безбедност.

-СВР Куманово и годинава спроведува превентивна кампања, со цел на граѓаните да им се укаже за можните последици од употребата на петарди и други пиротехнички средства. Воедно, се преземаат и репресивни  мерки со цел санкционирање на употребата на петарди и други  пиротехнички средства. СВР Куманово ги потсетува граѓаните за законските одредби во кои е санкционирана употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба-истакна Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово.

Согласно Кривичниот законик, е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што:

(1) Тој кој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години;

(2) Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор.

-Апелираме до граѓаните да се воздржат од употреба на пиротехнички средства пред и за време на новогодишната ноќ бидејќи на тој начин си го доведуваат во опасност животот и здравјето на самите себе, но и на другите. Би сакала да потенцирам доколку се најдат во ситуација некој да им понуди пиротехнички средства може да пријават на 192-дополни Младеновска.

Законот за прекршоци против јавниот ред и мир предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства, или сличен експлозив и на тој начин ги нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.