ВИДЕО: Се враќа сјајот на спортскиот комплекс Соколана
Соколанскиот парк е една од најпосетените локации за одмор и рекреација на кумановци. Паркот во срцето на градот, со своите зелени површнии, пешачки патеки, клупите за одмор, фонтаните отсекогаш бил привлечно место за граѓаните, особено откако во изминатиот период беше целосно реконструиран во повеќе фази.
Во 2023 година Општина Куманово одвои околу петнаесет милиони денари за уредување на просторот, која вклучи замена на подлогата, поставување на нова урбана опрема, фонтани, детски катчиња, реквизити за рекреација и паркинг простор. Соколански парк зафаќа површина од околу седум илјади метри квадратни.
„Паркот е одлично место за одмор и релаксација. Апелирам на совесно однесување на младите кога станува збор за урбаната опрема и хигиената“, вели анкетиран посетител на паркот.
„Соколанскиот парк изобилува со зелени површини, нова тартан подлога на патеките, модерна фонтана, а што се однесува до реконструкцијата на Соколана, се надевам дека за краток временски период ќе биде вратен некогашниот сјај на спортскиот објект со многу спортски активности и настани “, кажа друг анкетиран граѓанин.
„Екипите на ЈП „Чистота и зеленило“ секојдневно се грижат за озеленување и одржување на Соколанскиот парк“, истакна анкетиран посетител.
Во непосредна близина на паркот е и спортскиот објект Соколана, кој етапно се реконструира. Градежните работи за обнова на Соколана започнаа кон средината на 2023 година, со претходно обезбедени дозволи од Министерството за транспорт и врски и согласност од Конзерваторскиот центар.
Во рамките на првата фаза се работеше на зајакнување на статиката на објектот и кровната конструкција. Во втората фаза – фасадата и замена на столаријата, третата е резервирана за внатрешно уредување и адаптација на просториите за намената за која е и изградена и секако, на крајот останува партерното уредување на објектот.