„Јазикот е нашата татковина“, е една од најпознатите реченици на истакнатиот македонски писател, лингвист , книжевен историчар Блаже Конески. Тој бил и еден од кодификаторите на современиот македонски јазик, а во кодификацијата се водел од принципите за јазикот кои претходно ги навестил преродбеникот Крсте Петков Мисирков во „За македонцките работи“.
Денеска светот го одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 февруари прогласен од УНЕСКО во 1999-та година, а во насока на промоција, негување и афирмација на сите јазици што ги користат народите во светот.
-Мајчиниот јазик е јазикот кој што го научивме од нашите мајки и баби. Наша обврска е во истата таа убавина и звучност да го пренесеме на идните генерации. Јазикот е нашата врска со корените, но и единствен пат кон иднината. Мислата и борбата за македонскиот јазик која ја започна Мисирков, вткаена во делата на сите наши литературни дејци, преку Ѓорѓија Пулевски и Блаже Конески „Јазикот е нашата татковина” е наш аманет, светост и обврска да го чуваме и негуваме македонскиот јазик. Правото на употреба на својот мајчин јазик е неприкосновено право за секој човек, секој од нас најубаво мисли, се изразува и се разбира на својот мајчин јазик. Јас мислам, читам, пишувам и љубам на македонски јазик и кирилско писмо, изјави Соња Тодоровска, професор по македонски јазик
Според Тодоровска, меѓу другото, особено загрижува фактот што се поголем број ученици читаат литература на немајчин јазик.
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик во Скопје е одбележан со пригодна манифестација организирана од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.