ВИДЕО: Се одржа манифестацијата „Велигден – ист, на различен начин“

По повод големиот христијански празник, а во рамките на манифестацијата „Велигден – ист, на различен начин“ организирана од здружението „Живот“ денеска е избрано најдобро украсеното велигденско јајце. Креативната  декорација и припаѓа на Емина Атанасовска.

Во просториите на Занаетчиски дом присутните имаа можност да ги видат уникатните креативни изработки, да ја почувствуваат велигденската атмосфера и да бидат дел од шарениот избор.

Второто место за најдобро украсено јајце и припадна на Нела Апостоловска, а третото на Мелани Максимовска.

Претходно беше распишан и литературен конкурс, а денеска беа прогласени најдобрите песни. На конкурсот за најдобра е прогласена песната на Мила Денчиќ, второто место и припадна на Миа Јовановска, а трето место освои песната на авторите Моника Мишевска и Милан Цаневски.

Со рецитали и песни на руски јазик настапија ученици од основното училиште „Магдалена Антова“ под менторство на професорката Биљана Коцевска и ученици од школата за странски јазици Албион.

На денешната манифестација беше организиран и натпревар во кршење на велигденски јајца. Победник на натпреварот е јајцето на Лина Дебарлиева, која се образува во Скопје, а посетув часови по руски јазик во Албион.

Креативност, традиција и радост – сè на едно место, велат од здружението „Живот“.

Пред присутните се обратија претседателката на здружението „Живот“ Благица Цветковиќ и претседателката на Советот на Општина Куманово Ивана Ѓорѓиевска.