ВИДЕО: Се расчистуваат улиците во Куманово по снежните врнежи

По снежните врнежи, интензивно се расчистуваат улиците во Куманово. Јавното претпријатие „Чистота и зеленило” ќе продолжи со своите работни активности во централното градско подрачје и во вечерните часови, велат надлежните.

-„Чистота и зеленило“ од првиот момент започна да ги извршува сите предвидени активности во однос на расчистувањето на снежните врнежи од булеварите, улиците, тротоарите и сите критични точки во градот. Од утрово интензивно се работи на расчистување на снегот. Деветте главни улици во централното градско подрачје целосно се расчистени, се фрла сол, а се користи и средство за одмрзување на тротоарите. Од општина Куманово ги имаме доделено булеварот „Октомвриска револуција“,„ Народна револуција“, „Трета МУБ“, „11 Октомври“,„ Гоце Делчев“, „Доне Божинов“, „Ѓорче Петров“, „Моша Пијаде“, „Иво Лола Рибар“, а „Чистота и зеленило“ два до три пати во текот на едноденоноќие работи на расчистување, односно расфрлување на солна сите улици, како и прскање со ајсмелт (средство за одмрзување) на тротоари, за да можат пешаците непречено да се движат по градот, а во меѓувреме и во останати делови кои не се дел од програмата гледаме да ги расчистиме спорд нашите можности, за да може населението да биде заштитено од било какви ризици. Интензивно, со сите расположиви екипи ќе се чисти и во текот на денот, но и во вечерните часови, како и претходните, изјави Ненад Стојановски, директор на ЈП „Чистота и зелело“.

Екипи на ЈП „Чистота и зеленило“ ги расчистуваат булеварите, улиците, тротоарите и јавните површини во централното градско подрачје. Комуналното претпријатие за услугата од општината ќе добие околу 50.000 евра.

„Кооп Инженеринг“ работи на отстранување на снегот од патиштата во приградските населби и селата во кумановско.

И екипи на приватната компанија се на терен, работат со сите расположиви средства.

„Се расчистува по приоритет, располагаме со сто тони сол, ризла не се фрла. Улиците и реоните за кои сметаме дека не се целосно расчистени, како на пример, улицата „Васко Карангелески“ и село Тромеѓа, повторно се расчистуваат“, изјави Момчило Јовановски од Секторот за комунални работи и инфраструктура

Зимското одржување на улиците и патиштата во населбите и кон селата општина Куманово ќе ја чини 4.844.844 денари со вклучен ДДВ, или околу 80 илјади евра.