ВИДЕО: Србите го празнуваат Свети Сава, одржана свечена Светосавска академија
Припадниците на српската заедница во земјава денеска го одбележуваат празникот Свети Сава. По тој повод вчеравечер во Занаетчискиот дом во Куманово се одржа свечена Светосавска академија во организација на Српски културен центар, претседателот на Р. Србија и македонската Влада.
Во своето обраќање пред присутните градоначалникот Максим Димитриевски потенцираше дека Куманово е мултикултурен, мултиетнички град во кој живеат повеќе од десет етнички заедници во мир и разбирање.
На Светосавската академија присуствуваа еминентни личности од јавниот и од политичкиот живот, дипломатски кор, како и делегација од Р.Србија предводена од потпретседателот на Владата и министер за одбрана Милош Вучевиќ и делегација од Р. Српска, предводена од Радован Ковачевиќ.
Свети Сава бил првиот српски архиепископ, влијателен дипломат, а СПЦ го слави како свој основач. Верниците и свештенството на Српската православна црква (СПЦ) денес ја слават славата, која е позната и како школска слава, Свети Сава. Просветителот и книжевник Свети Сава е роден како Растко Немањиќ (1174-1236), кој се одрекол од земската власт и се замонашил.
Пригодната изведба на „Светосавска беседа” во интерпретација на српскиот колумнист, публицист и професор Драгослав Бокан, настапот на актерите од Српско народно позориште со делото „Мудрите чувари на минатото” и настапот на учениците кои што посетуваат настава на српски јазик со изведба на делото „На изворот на Свети Сава”, беа дел од свечената културно – уметничка програма на оваа реномирана традиционална манифестација.
На сцената настапија и еминентни музички изведувачи, оперскиот пејач Оливер Њего во придружба на оркестарот „Станислав Бинички” – уметнички ансамбл на Министерството за одбрана на Република Србија, „Српско духовно творештво” и „Српски вез”, културно – уметничко друштво за негување на српската традиција во Македонија со „Песни и игри од Пчиња”.

Непосредно пред свечената Светосавска академија, градоначалникот заедно со делегацијата од Р. Србија и амбасадорката на Р. Србија во Македонија Н.Е. Невена Јовановиќ ги посетија просториите на „Српски Вез” каде што имаа можност да се запознаат со активностите на ова културно-уметничко друштво кое има особено значајна улога за српската заедница во Куманово.

Претседателот на КУД „Српски вез“, Далибор Китановиќ минатата година беше одликуван со златен медал за посебни заслуги во културата од претседателот на Р.Србија Александар Вучиќ, по повод празникот Видовден.