ВИДЕО: Србите го празнуваат Свети Сава
Припадниците на српската заедница во земјава денеска го одбележуваат Свети Сава. Тој бил првиот српски архиепископ, влијателен дипломат, а СПЦ го слави како свој основач.
По повод Националниот празник на Србите во Македонија, во Куманово вчеравечер традиционално е одржана Свечена Светосавска академија во просториите на Занаетчиски дом, во организација на Српскиот културен центар, претседателот на Р.Србија и Владата на РС Македонија.
Свети Сава бил првиот српски архиепископ, влијателен дипломат, а СПЦ го слави како свој основач.
-Ние со години на овој ден, на чествувањето на ваквите денови секогаш повикуваме на заедништво. Живееме во земја во која не се чувствуваме ни малку како странци, тоа е наша земја, тоа се наши браќа, се разбираме, се помагаме, со поддржуваме, така и треба да биде. Свети Сава тоа и не учеше и ние се обидуваме тоа да го одработиме. Во Куманово и нашата организација и сите српски организациии и политичкиот корпус се исклучиво силни, тоа се исклучиво вредни луѓе, сето ова што го работат го работат со душа и со човекољубие, рече Гордана Јовиќ Стојковска, претседател на Српската заедница во Македонија.
„Нека е честит и вековит празникот Свети Сава, чувар на традицијата и националните вредности, потсетник за идните генерации да ги негуваат корените, да ги почитуваат ближните, да подадат рака онаму каде е потребно“, истакна градоначалникот Максим Димитриевски во својата честитка по повод празникот на Србите.
Димитриевски со пригоден говор се обрати и на Светосавската академија.
-Куманово е Македонија во мало и ние сме горди на тоа, повеќе од 10 етнички заедници заедно со македонската со децении и векови на овие простори работат, функционираат и опстојуваат. Јас како градоначалник на овој град кој што ја доби поддршката од сите граѓани не делејќи ги по своја етничка, верска или било која друга припадност, лично во мое име и во име на граѓаните накуамно сакам да им го честитам Свети Сава овој голем ден на сите, но исто така и на сите Срби во Македонија и на сите Срби во светот. Овој ден да вроди со плод во секој дом, да донесе здравје, среќа и благодет во секое семејство. Ние во Куманово живееме и функционираме како и секаде на Балканот и онаа што е за нас е најбитно е што македонската и српската заедница се најблиските заедници на овие простори. Нашите дедовци и баби се чувствувале како род и како свои помеѓу своите, а ние таа традиција ја негуваме и продолжуваме, рече Максим Димитриевски, градоначалник на општина Куманово.
Со Светосавска беседа пред присутните настапи министерот задолжен за дијаспората во Владата на РС, Ѓорѓе Миличевиќ.
Во рамките на богатата културно -уметничка програма годинава настапија Првото белградско пејачко друштво, уметничкиот ансамбл на Министерството за одбрана на Р.Србија „Станислав Бинички“, оперските пеачи Љубица Вранеш и Драгољуб Бајиќ, актерот Слободан Ќустиќ и КУД „Српски вез” од Куманово.

Верниците и свештенството на Српската православна црква (СПЦ) денес го слават Свети Сава и како школска слава, односно Савиндан.
Со измена на законот за празниците на Република Македонија, на 08. февруари 2007 година во Собранието, 27 јануари е прогласен за национален празник на Србите во Република Македонија.
Овој ден е неработен за припадниците на српската заедница.