ВИДЕО: Трет ден Божиќ
На третиот ден од празникот Божиќ светата православна црква го празнува споменот на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан. Тој е наречен првомаченик затоа што прв настрадал за Христовата вера. Свети Стефан секогаш се слави на 9 јануари и е една од поголемите слави, а како именден го празнуваат Стефан, Стефанија, Фанија, Фанка, Стојан, Стојанка, Стојмен и слично.
Раѓањето Христово деновиве ги наполни православните храмови ширум земјава.
Во соборниот храм „Свети Никола“ на светата литургија на која чиноначалствуваа свештени лица од Кумановско-осоговската епархија, и во чест на Бадник и по повод Божиќ присуствуваа голем број верници.
На Бадник, токму од пред соборниот храм „Свети Никола“ тргна и Бадниковата поворка со дечиња кои што движејќи се по улиците во централното градско подрачје ја пееја песната Вечниот Бог. Сите деца во рацете носеа симболични витлеемски ѕвезди, икони и бадникова пештера. Во Куманово по осми пат Бадниковата поворка е во организација на здружението „Бадникови поворки“, поддржана од хуманитарното здружение „Крепост“.
Празнични подароци беа подготвени за 300 деца. И Бадниковата пештера изработена од уметникот Мире Величковски беше поставена на градскиот плоштад.
