ВИДЕО: Училиштето „Карпош“ во Умин Дол организираше еко акција
Основното училиште „Карпош“ во село Умин Дол изминатиот викенд организираше еко акција. Ученици, родители, наставници, но и месното население активно се вклучија во акцијата за засадување на овошни садници кај училиштата во Умин Дол и село Љубодраг. Еко активноста се реализираше во соработка со училишниот одбор, советот на родители и здружението за локален и рурален развој Рурал Ума Сто, информира директорот на ООУ „Карпош“ Мирослав Димевски.
-Засадивме родни овошни дрвца, вкупно 150. Од нив, 85 засадивме во Умин Дол, а останатите во Љубодраг. Месното население се вклучи во акцијата заедно со учениците и родителите, а за 3 до 4 години ги очекуваме првите овошни плодови. Садниците се обезбедени во соработка со училишниот одбор, советот на родители и здружението Рурал Ума Сто, односно секој поединечно си засади по една овошна садница, круша, слива, јаболка, цреша, мушмула, дуња, изјави Мирослав Димевски, директор на ООУ „Карпош“ во село Умин Дол.
Жителите на Умин Дол, но и граѓани на Куманово и поширокиот регион во неделата имаа можност да уживаат и во вкусот на домашна традиционална храна, да се вклучат во спортско -рекреативни актиности, но и да ги посетат културно- историските знаменитости на селото во рамките на манифестацијата „Цветници“ организирана од здружението Рурал Ума Сто. Манифестацијата беше поддржана и од основното училиште „Карпош“.
-Покрај еко акцијата, училиштето „Карпош“ активно се вклучува во сите активности на месното население, а бевме и техничка поддршка на манифестацијата „Цветници“ на организацијата Рурал Ума Сто, изјави Димевски.
Димевски кој што веќе има искуство на менаџерска позиција, веќе неколку месеци раководи со училиштето „Карпош“, кое претходно беше целосно реконструирано со финансиска поддршка на министерството за образование и наука и општина Куманово. Проектот опфати реконструкција на покривот, подови, нови прозорци и врати, нова енергетско-ефикасна фасада, санитарни јазли и делумно нов ентериер, нова електрична инсталација со нов систем за греење, пристапна рампа и тоалети адаптирани за лица со попреченост.
Во училиштето „Карпош“ се запишани околу 140 ученици од Умин Дол, Љубодраг и Ново село.