Во пресрет на новата учебна година, во училиштата веќе се работи со полна пареа. Се уредуваат училниците, се проверува опремата, се подготвуваат наставните материјали, дистрибуцијата на учебниците е во завршна фаза, а наставниците и стручните служби ги прават последните подготовки пред повторно да се исполнат училишните ходници со ученици.
За вработените во основното општинско училиште „Карпош“ во село Умин Дол и подрачното во Љубодраг речиси целиот летен период беше исполнет со воннаставни активности со цел подобрување на условите за учениците и наставниците. Како што истакна директорот Мирослав Димевски, со сопствени средства и човечки ресурси, вработените и родителите во текот на летото ја реконструирале фасадата, поставиле нов кош и ја обновиле училишната капија во централното училиште, додека во подрачното во село Љубодраг целосно се завршени оградата и влезната капија, со што се подобрени условите и безбедноста за сите ученици.
„Ова е пример дека кога заедницата се обединува околу вистинските вредности, резултатите се видливи и трајни“, истакна директорот Димевски.
Основното училиште „Карпош“ и годинава, на 31 август со почеток во 20 часот ќе организира филмска вечер осмислена како летно кино на отворено, каде што премиерно ќе биде прикажан краткометражниот филм под наслов „Ѕвезди“ во целосна продукција на училиштето. Во програмата се вклучени и филмски проекти изработени од учениците, кои претходно се наградени, како и филмови од ревијата на „Филмај“.
Објектот на основното училиште „Карпош“ во село Умин Дол датира од 1928 та година. Училиштето целосно беше реконструирано во 2022 година.
Видеото со изјавата од Мирослав Димевски директор на ООУ „Карпош“ с.Умин Дол, по вестите во 18 часот.