ВИДЕО: Хероите вечно живеат – десет години од акцијата „Диво насеље“
Жарко Кузмановски, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски, Горан Илијевски, Бобан Ивановиќ, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ и Горан Стојменовиќ се осумтемина припадници на безбедносните сили кои што загинаа во вооружената акција на 09 и 10 мај 2015 година во населбата Тоде Мендол или т.н. Диво насеље.
Пред спомен обележјето во чест на загинатите припадници на специјалните полициски сили повеќе делегации денеска положија свежо цвеќе и оддадоа почит на бранителите, претставници на МВР, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, началникот на СВР Куманово, Никица Петрушевски, претставници од специјалните единици на МВР, синдикати на полицијата, здруженија на граѓани, општината и политички партии.
„Хероите никогаш не смеат да се заборават, порача Антонио Станковски од здружението СИЛА, повикувајќи на масовност при оддавање почит на жртвите. Станковски нагласи дека во Куманово мора да се постави споменик во чест на загинатите.
-Во иднина вакви работи не смеат да се случуваат, но тоа зависи од многу повисоко ниво. На крај губитник е обичниот народ, луѓето директно врзани со акциите, задачите и не се во конекција со оние кои одлучуваат. Бидејќи оваа акција каде што бев и одговорен на сите тие единици недоволно вклучен во акцијата, мислам дека згрешивме на највисоко ниво за ова вака се случи. Ме револтира бројката на присутни граѓани и во црквата и овде кое требаше да биде преплавено со луѓе, треба да се ставиме во улога на фамилиите кои ги загубиле своите чеда, ние сме живи и здрави. Овие моменти не смеат да се заборават. Денеска администрацијата на општината на градот не обвинувам никого индивидуално и сите институции можеби нè има неколку илјади кои работиме на грбот на оваа држава и сме во државни „јасли“ си земаме плата, добро егзистираме, денеска мислам дека овој помен кој е јубилеен, во иднина на панихидата, на помените каде се одржуваат и секаде посебно во Куманово, треба да биде масовно. Споменик мора да се направи за загинатите припадници, градот во соработка со државните институции, изјави Станковски.
Спомен плочата во чест на загинатите поставена во кругот на Секторот за внатрешни работи Куманово свечено беше откриена на 23 август 2023 година во рамките на програмата за одбележување на годишнина од формирањето на Единицата за брзо распоредување.
Во централното градско подрачје изработен е и мурал „Хероите вечно живеат“.