ВИДЕО: Ќе добие ли Куманово ново возило за Итна помош?

Со четири возила, од кои што едното е мини амбулантно возило Здравствен дом Куманово опслужува околу двесте илјади граѓани. Само едно од возилата е ново од 2021 година, а останатите се постари, информираат надлежните од Здравствениот дом.

Министерот за здравство Фатмир Меџити при вчерашната посета на Куманово информираше дека Владата обезбедила пари за 22 амбулантни возила со комплетна опрема, од кои што, како што рече, најверојатно возило ќе добие и Куманово, но за тоа ќе одлучат службите. Меџити го спомна и несреќниот случај кога летово возило на Итната медицинска помош од Куманово се запали на улицата „Тоде Мендол“. За среќа, во пожарот немаше повредени лица, иако со возилото бил транспортиран пациент од Скопје за Куманово.

-Знаете дека имаше, така да го наречам, еден мал скандал тука со возилото за Итна медицинска помош, затоа почитувани новинари и медиуми јас сум министер, се викам Фатмир Меџити, ова го повторувам неколку пати, здравството нема веќе да биде како што било. Затоа под моја иницијатива во Влада со информација побарав како никогаш досега  или знаете како било, возила за Итна медицинска помош или сме добивале од донација од амбасадата на Јапонија или од турската, од сега натаму нема да биде така зашто нашите граѓани плаќаат даноци, секоја здравствена установа има  фонд за здравствено осигурување, му се доделува фонд и тие треба тоа да го искористат најдобро како што треба. Тој што нема да го искористи, тој не прави ни грешка, но не прави ни добра работа, ќе биде разрешен и отстранет од функција, а тоа што јас го направив сега веќе ребалансот на буџетот може полесно јас да дишам и министерството и сите граѓани зашти нели имавме врзани раце, требаше ребаланс на буџетот, значи наследив еден буџет што навистина беше многу дефицитарен и јас нарачав со информација до Владата и веќе се средствата доделени од ребалансот на буџетот, замислете 22 возила за првпат за Итна медицинска помош со комплетна опрема. Сите тие возила, поголем број од нив ќе бидат доделени на Здравствен дом Скопје на Итна медицинска помош, другите ќе бидат доделени таму каде што состојбата е поитна за да ги опслужиме нашите граѓани и да не се случи тој немил настан што се случи во Куманово и затоа јас сум одговорен и нема да дозволам друг пат да се случи. Тоа ќе одлучиме со службите, најверојатно Куманово, не случајно го кажав тоа што се случи тука, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

Со средства во висина од околу пет милиони денари обезбедени од Здравствен дом Куманово изминатиот период реконструирани се неколку објекти, детскиот диспанзер во централната зграда, позната како Уред, објектот на Итна помош, амбулантата во населбата „Тоде Мендол“ каде што поранешната аптека е веќе лабораторија.