Владимир Симоновски е Главен медицински техничар на болницата

Од први август годинава Владимир Симоновски ја извршува функцијата Главен медицински техничар во Општа болница Куманово. Новото работно место за Симоновски значи нови обврски и нов предизвик.

„Мојата цел ќе биде да гледам среќни и задоволни медицински работници кои доаѓаат на работа, а среќни и задоволни пациенти кои си заминуваат од нашата установа. Недостигот од кадар е алармантен за секој еден профил, за секој еден оддел и по тоа прашање ќе мора да се интервенира час поскоро“, изјави Симоновски.

Во болницата е вработен во 2008-та година како медицински техничар, а изминатите повеќе од 16 години работел на повеќе оддели. На оваа позиција доаѓа како специјалист за интензивна нега.

Средно образование завршил во Свети Николе (1998-2002), со квалификацијата- специјалист медицинска сестра-општа насока се здобил на Висока медицинска школа- Битола во 2007-та година, а минатата година (2023/24) се здобил и со квалификацијата -специјалист за интензивна нега, исто така на факултетот во Битола.