Поради високите температури изминатиов период зголемена е потрошувачката на вода од корисниците на „Водовод“ што пак, за јавното претпријатие значи повисоки фактури кои што треба да се подмират кон АД Водостопанство „Кумановско- липковско поле“. Новиот вд директор на претпријатието Оливер Стојмановски денеска со апел до граѓаните за рационално трошење на водата.
-Ги повикувам граѓаните пред се, да ја користат водата рационално во овој период и секако навремено и редовно да ги плаќаат сметките за потрошена вода со што ќе помогнат и ние како јавно претпријатие да можеме навремено да ги плаќаме обврските кон добавувачите кои секако, не се мали, изјави Оливер Стојмановски, вд директор на ЈП „Водовод“
Надлежните препорачуваат и навремено плаќање на сметките за потрошена вода посочувајќи дека вкупната наплата на тековните сметки периодов се движи околу 58 проценти.
-Јулската сметка која што беше излезена сега моментално наплатата е околу 45 проценти, до крајот на месецот ќе достигне сигурно до 56 – 57 проценти. Многу е битно да се плаќаат сметките навремено поради трошоците кои што следат, а не се плаќаат, значи законска затезна камата, трошоци кон нотари и кон извршители, изјави Стојмановски.
Што се однесува до одржувањето на водоводната и канализационата мрежа, Стојмановски вели дека во овој период нема посериозни дефекти, а доколку се појават ги сервисираат во најкраток можен рок. Конкретно денеска екипите на ЈП „ Водовод“ имале интервенции на водоводната мрежа на пет локации во градот, на Спомен Костурница и на дел од улиците „Крсте Мисирков“ , „Тоде Думба“ , „Михајло Пупин“ и „Егејска Македонија“.