Во Македонија втор ден од седумдневната жалост за настраданите во Кочани

Во Македонија денеска е втор ден од седумдневната жалост за настраданите во трагедијата во Кочани.

За време на седумдневната жалост што ја прогласи Владата, знамињата се на половина копје, откажани се сите музички, забавни активности и настаните во установите од областа на културата, а прилагодена е и програмата на медиумите.

Отворени се книги на жалост во Собранието, во МНР и во македонските амбасади низ светот.

Во знак на сочувство за настраданите во пожарот во Кочани во кој животот го загубија 59 млади лица, а над 150 се повредени и хоспитализирани, денешниов ден е прогласен за ден на жалост во Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, а вчера по повод трагедијата ден на жалост беше прогласен и во Црна Гора.