Гори шума во село Длабочица
Гори шума во село Длабочица, општина Старо Нагоричане. Екипи на ТППЕ Старо Нагоричане и од кумановската подружница на JП „Национални шуми“ се на терен.
Според Регионалниот центар за управување со кризи, пожарот избувнал вчера, а го гаснеле екипи на ТППЕ Старо Нагоричане и нивни колеги од Ранковце, како и вработени од „Национални шуми“.
Засегнати жители од Козјачкиот регион на социјалните медиуми пишуваат дека гори високостеблеста букова шума и бор и апелираат за помош во локализирање на пожарот.
Заменик на генералниот директор на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов на социјалните мрежи информира дека во текот на вчерашниот ден, на територијата на цела Македонија имаЛловкупно 29 пожари на отворен простор, од кои 4 се се уште активни, а 25 се целосно изгаснати.
„Последниот активен пожар е пожарот во општина Старо Нагоричане кај селото Длабочица кој засега е приземен во мешана борова и букова шума. За жал, во овој пожар во Кумановско утрово имаме повредено и една колешка која е пренесена во општата болница Куманово. Ова е четврта повреда на наш колега во борбата со огнените стихии. Двајца колеги беа подложени на кислородна поддршка, а останатите двајца имаат други повреди“, објави Михаилов.