Градоначалникот на Крива Паланка позитивен на коронавирус
Првиот човек на Крива Паланка е позитивен на Ковид-19. Информацијата на својот профил на Фејсбук ја потврди самиот градоначалник Борјанчо Мицевски, наведувајќи дека по евидентиран случај во општината на своја иницијатива направил тест. Вработените од денеска ќе бидат ослободени од работни обврски, а општината нема да работи освен за итни и неодложни потреби.
-По појавата на втор позитивен случај на ковид-19 во редовите на општинската администрација, вчера на сопствена иницијатива направив тест, кој е позитивен, објави тој нагласувајќи дека во следниот период ќе се повлече во домашна изолација. Во исто време сите вработени од денес до наредната среда ќе бидат ослободени од работните обврски, а општината нема да работи освен за итни и неодложни потреби. Екипи на Јавно Здравје веќе прават целосна дезинфекција на работните простории и возниот парк. Никој не е имун! Носете заштита и почитувајте ги препораките на Комисијата за здравство“ – порача Мицевски. Досега во Крива Паланка се регистрирани 48 случаи на Ковид-19, а активни се уште 13.