Дигитализацијата во Управата за јавни приходи штеди време
Управата за јавни приходи континуирано ја унапредува соработката со даночните обврзници и инвестира во современи услуги што се брзи, сигурни и достапни без физичко присуство, соопштија од Управата.
Во февруари годинава, УЈП ја воведе новата дигитална услуга „е-Уверение за остварен доход“, која им овозможува на граѓаните целосно електронски, бесконтактно и преку сигурна постапка да го добијат овој документ. Од нејзиното воведување досега, за само неколку месеци, се издадени 5.688 уверенија, со што е заштедено значително време како за граѓаните, така и за службениците на УЈП, а работата се одвива според најсовремени дигитални стандарди.
Покрај тоа, значително е модернизирана и услугата за издавање на „Уверение за состојба на даноци“. Со автоматизација на внатрешните процеси, во изминатите три месеци сите поднесени барања навремено се обработуваат и уверенијата се издаваат во рок од најмногу пет календарски дена, што претставува значително подобрување во споредба со претходниот период. Тоа значи дека 100% од уверенијата се издадени во законски предвидениот рок. Во следната фаза, оваа услуга ќе биде целосно дигитална и бесконтактна, овозможувајќи уште поедноставен, побрз и поефикасен пристап за граѓаните и компаниите, соопштија од Управата за јавни приходи.