Државниот архив од Куманово апелира граѓаните кои поседуваат значаен историски, архивски материјал да им го подарат во одделението. Со тоа велат ќе придонесат истражувачите да продолжат да создаваат вредни изданија.
-Подрачното одделение на Државниот архив Куманово ги информира граѓаните од општините Куманово, Старо Нагоричане, Кратово, Липково, Ранковце и Крива Паланка, за можноста да подарат архивски материјал кој настанал од дејствувањето на значајни личности, семејства, и организации во нашето општество. Од подарените архивски материјали (фотографии, преписки, ракописи, лична документација) ќе се формираат архивски фондови, кои во иднина ќе бидат достапни на истражувачките и од нив ќе произлегуваат вредни изданија од областа на политичката историја, историја на секојдневниот живот, културната историја. Сите заинтересирани може подетално да се обратат на телефонскиот број 031 420-464 или во просториите на одделението на адреса бул Трета МУБ, бр 20, во Куманово-се вели во соопштението.
