Заврши Кумановско културно лето 2025
Со синоќешниот фестивал „Тумбсток 2025” заврши Кумановско културно лето 2025.
На четвртото издание на фестивалот настапија хип хоп солисти и музички групи кои и годинава предизвикаа внимание кај младата популација.
Пред публиката настапија музичари и артисти, кои приредија атрактивна неколкучасовна забава:Таско, Пајак, Лука Чомбе, Анастасија, Ziro, Yungkilla, La Mqrio, Drtraboii, Едно дете, Double G Mafia, Zaff, Togzi, Luce, Иван Ајнштајн и др.
Настанот беше во организација на Центарот за рурален развој од Куманово „Бујрум“ со поддршка на Фондацијата за култура и спорт – Куманово и Општината.
Претходната вечер, граѓаните имаа можност да уживаат во звуците на дувачките инструменти во рамките на фестивалот на ромската народна музика „Рома труба фест 2025”.
Пред публиката на градскиот плоштад се обрати организаторот на фестивалот Самет Салиевски од КУД „Рушит Шакир“.
20-тото издание на фестивалот го отвори градоначалникот Максим Димитриевски, нагласувајќи ја убавината на мултиетничноста во Куманово и мозаикот на обичаите, културата и традицијата, насликан во идентитетот на нациите.
На јубилејното издание учествуваа оркестри од Македонија и Србија.
Во петокот, бината на градскиот плоштад беше резервирана за тамбурашките оркестри „Табиет” од Свети Николе, „Гусле” од Кикинда, Србија и интернационалниот тамбурашки оркестар на Бранко Бако Joвановиќ од Виена, составен од музичари од Австрија, Шведска и Унгарија.
На учесниците и покровителите на Тамбурашкиот фестивал, в.д. директорката на Фондацијата за култура и спорт – Куманово, Сања Давидовиќ им додели благодарници за нивната несебична поддршка и соработка.
Инаку, Кумановско културно лето 2025 започна на 13-ти јуни со мото-рок фестивалот на клубот „Мечки“, кој се одржа на спортскиот аеродром Аџи-тепе.