Занаетчиите во Куманово едвај преживуваат

Занаетчиите бараат што поскоро да се изгласаат законите и да се исплати ветената финансиска помош, бидејќи голем дел од нив се на работ на егзистенцијата.

Претседателот на Занаетчиската комора на Македонија (ЗКРСМ) и на Регионалната комора Куманово, Агрон Фазлији, очекува брза исплата на платите и отворање на можност за аплицирање на бескаматни кредити, ветени со петтиот сет економски мерки. Тој апелираше што побрзо да се изгласаат законите кои се во постапка и се во интерес на многу дејности, наменети за спас на економијата.

– Апелираме занаетчиите што побрзо да ја добијат помошта од државата, затоа што се во незавидна положба и едвај врзуваат крај со крај. Само во еден ден во Куманово пет занаетчии ги затворија дуќаните. Постојано ни се јавуваат занаетчии од целата држава и бараат помошта што побрзо да стигне до нив. Бараме под итно да се донесат законите, да ни се помогне, изјави Фазлији.