Започна исплатата на помошта за социјална и детска заштита за август
Oд денеска започна исплатата на помошта за социјална и детска заштита за август. Министерството за труд и социјална работа информира дека во услови на мерки за заштита од ширење на коронавирусот, за да се избегне метежот пред банките, исплатата ќе биде во три групи според буквата од презимето и тоа: на 2 септември односно денеска од А до Ѕ, на трети септември (четврток) од И до О, а в петок презимињата од буквата П до Ш.
Корисниците пак на паричната помош кои поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска.
Од МТСП појаснуваат дека средствата кои се исплаќаат од денеска се за: права од социјална и детска заштита и тоа гарантиран детски додаток, посебен додаток за месец 09/2020, ЕПП за новороденче, родителски додаток за трето дете и за четврто дете, единствен родителски додаток, образовен додаток – студирање, гарантирана минимална помош ГМП, социјална парична помош-ретроактивна исплата, постојана парична помош-ретроактивна исплата, туѓа нега, еднократна парична помош, мобилност и слепило, цивилна инвалиднина, социјално домување.
Понатаму, како што посочуваат, почнува и исплата на социјална сигурност-социјална пензија, азиланти домување, парична помош за згрижувач и паричен надоместок за згрижувачко семејство.