Започна кампањата „Стави појас“ за поголема безбедност во сообраќајот
Минатата година 5.494 лица биле повредени, а 125 го загубиле животот во сообраќајни незгоди, што е најмал број на лица кои настрадале во патниот сообраќај во однос на претходните години.
Трендот на подобрување на безбедноста во сообраќајот продолжува и оваа година.
Позитивните статистички показатели се резултат на зголемениот број на контроли од страна на сообраќајната полиција и континуираните превентивни активности што ги реализираат МВР и РСБСП.
Со цел да продолжи позитивниот тренд на подобрување на безбедноста и сигурноста во патниот сообраќај, МВР и РСБСП денеска започнаа и со кампања под мотото „Стави појас“, со која ќе опфати голем број на превентивно едукативни активности на територијата на целата држава, во период од неколку месеци. Дел од кампањата ќе бидат и интензивни медиумски активности, како и засилени сообраќајни контроли за користење на појас од страна на возачите и патниците.
Инаку, сите досегашни проценки покажуваат дека голем дел од возачите не користат сигурносен појас. Состојбата е уште понеповолна кога станува збор за сопатници на предното седиште, додека бројот на патници на задното седиште, кои користат појас, е приближно еднаков на нула. За споредба, стапката на користење сигурносен појас на предните седишта во земјите од Европската Унија е околу 90%, а на задните седишта од 60% – 70%.