Зајакнување на регионална соработка и искористување на ресурси од областа на социјална заштита

Одделението за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита при општина Куманово одржа дводневна средба во рамки на проектот „Од рехабилитација и реинтеграција до независно живеење и вработување на лица со умерена и тешка интелектуална попреченост во североисточен регион на РСМ”. Проектот го спроведува општина Куманово и Центарот за рехабилитација и реинтеграција на лица со интелектуална попреченост „Порака Наша“, со поддршка на ЗЕЛС, ГИЗ и НАЛАС, објави општина Куманово.

Покрај реализаторите на проектот, на работните состаноци присуствуваа претставници на општините Старо Нагоричане, Ранковце и Крива Паланка. Присутните активно дискутираа на тема зајакнување на регионална соработка и користење на достапните ресурси, со цел да се поттикне заедничка размена на идеи помеѓу Општините од североисточниот регион и развој на неопходните социјални услуги.

Беше презентирана веќе воспоставената социјална услуга за рехабилитација и реинтеграција на лица со интелектуална попреченост. Ова беше можност да се претстави и спроведувањето на новата социјална услуга – проценка на работна способност на лица со интелектуална попреченост, пишува на официјалната веб страна на општина Куманово.