Здружението „Инклузива“ со бесплатни услуги за децата со попреченост

Двајца логопеди и дефектолог од септември годинава ќе бидат ангажирани во дневниот центар на здружението „Инклузива“ кој согласно проектот ќе обезбеди индивидуална и групна работа со децата со попреченост од пет до дванаесетгодишна возраст. Како што информира претседателката на „Инклузива“, Благица Димитровска групите за работа со децата ќе бидат формирани согласно потребите на дечињата и родителите. Услугите за корисниците ќе бидат бесплатни бидејќи се дел од проект финансиран од општинскиот буџет.

– Проектот се однесува на индивидуална и групна работа со дечиња со попреченост од 5 до 12 годишна возраст и планираме најмалку од 25 до 30 деца да бидат опфатени во имплементацијата на овој проект. Имаме поголем број на активности, во моментот најпрвин правиме интервјуа со стручни лица и веќе три лица, двајца логопеди и дефектолог ќе бидат ангажирани од први септември. Во самиот проект имаме предвидено набавка на материјали за работа со деца и опрема, но имаме и мал дел од градежните работи односно дворното место да се адаптира според стандардите. Штом ќе биде набавена и поставена опремата ние веќе ќе почнеме да формираме групи за работа спрема потребите на детето, а времето ќе биде во однос на потребите на родителите, значи може да работи и прва и втора смена. Како мајка на возрасен син со попреченост имам предвид дека во некои семејства двајцата родители се вработени и кога ќе имаат слободен термин тие, тогаш ќе доаѓаат овде. Покрај индивидуалната работа со логопед и со специјален едукатор и рехабилитатор, според направената првична проценка кај детето што му е потребно ќе бидат ангажирани и други стручни лица ако има потреба детето од друг вид на поддршка. Имаме предвидено и социјални активности односно посета на изложби, концерти, театар, а тоа ќе биде заедно со родителите за да малку поработиме и со родители на психичката поддршка нивна, на психо-социјална поддршка затоа што во овој период кога детето е мало родителот паѓа психички, затоа што голем удар е тоа, но ќе гледаме да ги зајакнеме за да продолжат понатаму колку можат да помогнат на своето семејство, изјави Благица Димитровска претседател на здружение „Инклузива“

Освен социјални и културни, предвидени се и спортски активности за децата кои ќе се реализираат во соработка со основните училишта „Толи Зордумис“ и „Кочо Рацин“

– Имаме и спортски активности за дечињата, оваа година во две училишта, „Кочо Рацин“ и „Толи Зордумис“, но во „Толи Зордумис“ ќе бидат опфатени дечиња од други училишта, веќе објавивме на фб страницата на „Инклузива“ каде ги повикуваме родителите и во еден ден се пријавија родители на осум дечиња со попреченост. Ние ќе започнеме прво со помала група од десет, па понатаму ќе расне затоа што не би сакале да создадеме некое непријатно чувство кај децата во поголема група, така што едно по едно потоа ќе бидат примени сите, изјави Благица Димитровска претседател на здружение „Инклузива“

Соработката со училиштата ќе се официјализира со потпишување Меморандум за соработка, посочуваат надлежните.

-Во наредниот период ќе потпишеме Меморандум за соработка со здружението, тие ги нудат нивните услуги на нашите ученици, за возврат нашите професори, наставници по физичко образование ќе ги обучуваат, односно ќе вежбаат со децата кои имаат потреба од тоа. Секако, тука се работи за деца со попреченост, меѓутоа и сите други заинтересирани кои сакаат да научат нешто ново, да се рекреираат, да спортуваат во нашата спортска сала, изјави Дејан Младеновски, директор на ООУ „Толи Зордумис“

Здружението „Инклузива“ кое се залага за општество во кое се почитува различноста на секој граѓанин, за проектот од општина Куманово доби 1,15 милиони денари.

„Инклузива“ е едно од петте невладини здруженија кои вкупно добија околу 50.000 евра од општина Куманово за проекти од социјална заштита.