Зошто е забрането асфалтната база да продолжи со работа?
Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) на 5-ти Март изврши вонреден надзор на асфалтната база „Кооп инженеринг ДОО“, во Куманово, при што е утврдено повеќекратно надминување на граничните вредности за прашина, а на асфалтната база ѝ е наредено да престане со работа во период до 30 дена.
Како што посочија од ДИЖС, граѓаните од населбите: „Железничка станица“, „Бедиње“ и „Черкези“, доставиле видео запис на кој може да се види емисија на густ чад, поради што во текот на ненајавениот надзор се извршиле мерења на отпадни гасови и прашина од страна на акредитирана лабораторија.
Целта на мерењата е утврдување на реалните емисии и проверка на претходни извештаи за почитување на граничните вредности од дозволата, нарачани од страна на самата инсталација.
Со Извештајот на акредитираната лабораторија е утврдено повеќекратно надминување на граничните вредности за прашина.
Државниот инспекторат за животна средина информира дека ќе продолжи со ненајавени мерења на емисиите во воздухот и испуштањето на отпадни води од страна на загадувачите, што ќе ги врши акредитирана лабораторија, ангажирана по пат на јавна набавка.