Координаторот на советничката група на СДСМ Томица Илиќ денеска одржа прес-конференција во врска со Општинскиот енергетски план за 2026 година, донесен како одлука на мнозинството советници на последната седница на Советот. Советниците од СДСМ не го поддржаа планот заради, како што вели Илиќ, повеќе пропусти.
„Најпрво ке споменам дека во дел 3 насоки, цели и приоритети се предлагаат стратешки цели за кои се вели дека се РЕАЛНИ ЗА РУРАЛНА ОПШТИНА. Куманово се уште не е рурална општина. Понатаму во истиот дел долгорочна стратешка цел е ЛЕД осветлување во нашата општина. Како за потсетување од 2019 г. општина Куманово со договор за јавно приватно партнерство го има завршено овој процес на поставување на ЛЕД сијалици за осветлување…
Дел 4 план на мерки и активности. За оваа година се предлага од 2 до 4 квартал да се изврши замена на најнеефикасни светилки со ЛЕД. Како што веќе кажав тоа е веќе завршено уште пред 6 г. дури до сега по физибилити студија подоцна и договор за јавно приватно партнерство, приватниот партнер имаше за обврска да ги замени уште еднаш ЛЕД сијалиците на 6 г. од договорот. Дали таа обврска е извршена се надевам ке не информира општината или па можеби со овој енергетски план сака да се навлезе во обврски на приватен правенсубјект…
Дел 5 интегрирано планирaње на општински енергетски капацитети, цели страни се потрошени на разработка на можна гасификација на општина Куманово па дури се и препорачува пред физибилити студија за гасификација. Колку за информација ЈП „Куманово Гас“ е формирано 2006г. Понатаму се препорачува да се информираат месни заедници во нашата општина па се набројани Каратманово, Дорфулија, Милино, Сарамзалино итн… И се до крајот на документот се сретнуваме со вакви примери но на самиот крај на документот конечно преминуваме вистински на општина Куманово, во прилог 2 каде се набројани иницијативи за општински енергетски план на општина Куманово за 2026 г. Вкупно има 45 иницијативи, а за дури 18 се јавува иста фирма..“, кажа, меѓу останатото Илиќ.