Институциите заштедиле 20 отсто струја
Државните институции заштедиле 20 отсто струја во септември годинава споредено со септември лани. Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска информираше колку се спроведуваат препораките на Владата за штедење струја од страна на државните институции.
Обврските за штедење почнаа да важат на 01 септември и ќе траат до 31 март догодина. Целта е да се заштедат 15 отсто од струјата потрошена во истиот месец лани.
Според прегледот што го направи Министерствто за економија, најголем дел од институциите во септември заштедиле над планираните 15 отсто.
Но, има и негативни примери. Таков е Министерството за локална самоуправа не само што не заштедило, туку годинава во септември потрошило 79 отсто повеќе струја од лани.
Општините заштедиле 29 отсто струја во просек. Рекордери по трошење струја се Арачиново, Гостивар и Свети Николе.
Министерот нагласи дека од 1-ви декември годинава, околу 150 компании во државата кои произведуваат основни прехранбени производи ќе имаат фиксна цена на електричната енергија,. Според него таа цена ќе биде пониска и од онаа која ја добиваат малите потрошувачи.
Тој посочи дека станува збор за околу 150 компании, главно производители на млечни производи, на млеко, на леб и на други основни прехранбени производи согласно листата и одлуката која што е донесена.
„Фиксната цена ќе биде позната кога ќе биде донесена одлуката од страна на Владата, но ќе биде најконкурентна и пониска дури и од онаа која ја добиваат малите потрошувачи“, рече денеска Бектеши .