Интерактивни работилници за медијација и решавање на конфликти
Во просториите на ДСУ „Киро Бурназ“ на 21 мај годинава, врсничките обучувачки за медијација и ненасилна комуникација — Меланија Петковска, Сара Димитриевска, Миа Јовановиќ, Тамара Димитриевиќ, Симона Симоновска и Стефанија Миленковска одржаа две интерактивни работилници со 30 ученици од прва до трета година.
Учесниците разговараа на темата: Како преку медијација и активно слушање да ги решаваме конфликтите мирно и со разбирање.
Преку игри, улоги, отворени разговори и практични примери, учениците учеа како да слушаат, разбираат и посредуваат меѓу врсници во конфликт. На крајот, сите учесници добија флаери, а беа поставени и постери за промоција на новоформираниот Клуб на медијатори, каде ќе можат да побараат поддршка во идни ситуации.
Активноста е дел од проектот „Заедно сме посилни! – Преку врсничка едукација до здравје и ненасилство“, што го спроведува здружението „Доверба“ – Куманово, со поддршка од Екуменска иницијатива жена Омиш, Хрватска.