Како здружени до модерно и урбано Куманово?
Почна со работа партиципативното тело коешто го формираше општина Куманово и чиишто членови треба да придонесат за подобро урбанистичко планирање и уредување на градот. Во согласност со Законот за урбанистичко планирање за обезбедување инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичкото планирање – во телото доброволно учествуваат претставници на граѓанските организации, од урбани и месни заедници. Учесниците од граѓанските организации велат дека ова е одлична можност да се вклучат и дадат сугестии кои се однесуваат на уредувањето, пред сè решавање на сообраќаен метеж, повеќе зеленило, паркинг, простор кој ќе понуди пешачки зони, повеќе паркови.
Раководителката на секторот за урбанизам, Емилија Сларидис – Јаневска, истакнува дека учесниците со своите сугестии можат да влијаат во новите плански решенија, со цел да ги подобрат. Улогата на партиципативното тело во процесот на урбанистичкото планирање е планирана да биде на консултативна основа. Повикот беше распишан во ноември 2020 година и во него, освен членови на општинската администрација, членуваат и шест лица од граѓански здруженија, како и поединци.
Интересен е ставот на Денис Хаурдиќ од здружението „Гринтинк“, кој ќе настојува доследно да се имплементираат постоечките законски норми, кои според него се одлични, но недоволно се применуваат.
– Ако имате пожар на некои места во градот, возилото не може да влезе. Наша цел ќе биде при урбанистичкото планирање да се запазат овие линии, објектите да бидат обезбедени од овој аспект. Да се спроведе ревизија на паркинг просторот. Како можело од гаражи да се направат дуќани. Би сакале со законски, демократски средства да придонесеме за поубав, урбан живот. Градот има потреба од циркулација, сообраќајници. Младоста ми помина во овој град и можам да кажам дека претходните урбанистички решенија беа многу посоодветни, поентира Хаурдиќ.