Отсекот за превенција – СВР Куманово во соработка со Општински совет за превенција на детско престапништво од Општина Куманово денеска спроведоа кампања низ централното градско подрачје посветена на деца, жени и стари, немоќни лица, кои честопати се жртви на семејно насилство, објави Општина Куманово.
Според објавата, целта на оваа акција е да се упати апел до сите лица, кои претрпуваат психичко (уцени, закани и сл.) и физичко насилство од членовите на најблиското семејство, брачни партнери или други лица со кои контактираат, односно живеат во заедница. Сите лица кои се соочуваат со семејно насилство, можат да ги пријават овие дела во СВР Куманово, во Основното јавно обвинителство – ОЈО Куманово и во институциите кои се надлежни да преземат мерки во врска со ваквите негативни појави и да ги заштитат немоќните граѓани.
Во денешната кампања се приклучија претседателката и членови на Советот на Општината, волонтери од хуманитарното здружение „Мајка“ –Куманово, инспектори од Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за малолетничка деликвенција и семејно насилство.
На граѓаните им беа делени брошури со појаснување на нивните права и броеви на телефонски СОС линии, за пријавување на сите облици на насилство.
Активностите продолжуваат и во наредните денови.