Кои проекти се издвојуваат во годишната програма на НУЦК „Трајко Прокопиев“?
Министерството за култура одвои 12 милиони и 450 илјади денари за реализација на инфраструктурни проекти за Националната установа- Центар за култура „Трајко Прокопиев“,Куманово, под чии ингеренции се зградата на центарот и кумановскиот театар, информираа надлежните од установата. Дополнително, над пет милиони денари, Министерството одвои за реализација на годишната програма. Според зборовите на директорот, Сашо Тодоровски, годинава ќе започне проектот за гасификација на центарот за култура, за којшто се подготвува тендерската документација за првата фаза, односно проверката на постоечкиот систем. Истовремено се подготвува и тендерската документација за првата фаза за реконструкција на објектот на Театар Куманово, којшто е многу посложен и којшто вклучува повеќе фази.
Инаку, централната културна установа од Куманово оваа година прославува 40 години од постоењето. Одобрените над пет милиони денари за вкупно 22 проекти од различни дејности, се доволно добра награда за јубилејот на „Трајко Прокопиев“.