Контроли во четири угостителски објекти, затекнати малолетници по полноќ

Министерството за внатрешни работи информира дека полициски службеници во содејство со инспектори од Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд, викендов извршиле контрола на четири угостителски објекти на подрачјето на Куманово.

„При контролата, извршено е легитимирање на 74 лица. Во два објекта се затекнати малолетници после 24:00 часот. Притоа, во еден од нив, од слобода е лишена 45-годишна жена, која го изнајмила просторот, затоа што се затекнати 14 малолетници, од кои еден бил под дејство на алкохол и е пренесен во комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје“, соопшти МВР.

Исто така, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд изрекоа глоби на објектите поради сторени прекршоци по Законот за угостителство.

По целосно документирање на случајот, против одговорните лица ќе биде поднесена соодветна пријава.