Костовски: Кумановци заслужуваат многу повеќe
Во изминатиот период од три години СДСМ ги оствари своите главни програмски определби, рече на денешната прес-конференција Мартин Костовски, претседател на општинската организација на СДСМ и кандидат за пратеник. Костовски ја посочи минималната плата од 14.500 денари, просечната плата од 27.000 денари, нагласувајќи дека не е довршен до крај четиригодишниот мандат.
-Имаме квантен скок на субвенциите, на платите во здравството, во образованието, обештетени стечајни работници. На вчерашната прес-конференција го гледам кандидатот за пратеник Бране Петрушевски на прес-конференција и мислам дека нивниот пи-ар и не е толку добар бидејќи одржува прес-конференција на индустриска зона и вели дека ништо не е направено, а во позадина се гледа направена фабрика. За потенцирање е и вредно да го знаат граѓаните на РСМ дека Владата додели 20 милиони денари за инфраструктура во таа зона. Пред некој ден прават прес-конференција пред затворениот градски базен, единствен во РСМ направен од поранешниот градоначалник од редовите на СДСМ. Многу патишта, многу економски мерки, многу социјални мерки. Има со што да се пофалиме и со гордо чело да ја бараме поддршката од граѓаните на овој град, рече Мартин Костовски, кандидат за пратеник
Костовски ги најави и претстојните централни активности на СДСМ и коалицијата „Можеме“ во недела, на 28 јуни.
-Денот ќе го почнеме со два каравана, каде ќе бидат присутни двата носители на листа, Оливер Спасовски и Сања Лукаревска. Ќе има низа на средби со спортисти, успешни приказни од нашиот град како што е ЖРК Куманово, кошаркарскиот клуб Куманово, ќе има средба со пензионери, со писатели, културни работници, средба по месни заедници. Денот го завршуваме со една убава средба со претседателот на партијата Зоран Заев, на Спомен костурница каде ги повикувам граѓаните во определен број при тоа почитувајќи ги сите протоколи за водење на оваа автентична кампања да присуствуваат на тој настан и да дадат свој придонес преку свои сугестии, мислења, размислувања, рече Костовски.
Кумановци заслужуваат многу повеќе. СДСМ може многу повеќе и многу подобро, потенцира Костовски.