Мургашанска: Кризата не ги спречи капиталните инвестиции
Кризата предизвикана од коронавирусот не ги спречи капиталните инвестиции, сосема спротивно, капиталните проекти се изведуваат и тоа со засилена динамика. Инвестираме во инфраструктура и во вонредни околности и тоа за сите граѓани, истакна на денешната прес конференција Атина Мургашанска, претседателка на регион на Форум на жени на СДСМ. Таа нагласи дека периодов само во околината на Куманово се рехабилитирани патишта во должина од 112 километри.
-Ние наследивме руинирана држава, држава во која се трошеа парите на граѓаните во дупка без дно. Се инвестираше во споменици, во промашени и неплански испланирани проекти за патишта. Ние имаме сосема поинаков пристап, современ, европски пристап кој значи инвестирање во она што е најважно, а тоа се капиталните инвестиции во инфраструктурните проекти. Ги рехабилитиравме патните правци Куманово-Опае, Куманово-Никуштак, Куманово-Свети Николе, Младо Нагоричане-Пелинце, Куманово-Страцин, Ропаљце-Матејче-Липково-истакна таа.

Мургашанска нагласи дека е отпочната и рехабилитацијата на патниот правец Куманово-Ранковце во должина од 16 километри и 600 метри. Инвестиција е во вредност од 7 милиони и двесте илјади денари.
-Ваквата инвестиција не значи само подобрени услови во нормални секојдневни услови, во новата нормалност, уште повеќе го сфативме значењето на добра инфраструктура. Ова не само што ќе овозможи полесно справување со кризата, туку остава траен залог, напредок за иднината на сите граѓани. Да се потсетиме дека во тек се подготовките и за рехабилитацијата на т.н Искрин мост на реката Пчиња, во должина од 335 метри важи за еден од најдолгите во државата. Оваа инвестиција ќе чини 118 милиони денари-истакна таа.
Според Мургашанска на овој начин се овозможува рамномерен регионален развој, поврзување на урбаниот и руралниот дел од нашата општина и од североисточниот плански регион.