Кристијан Андреевски е новиот претседател на Боксерската федерација на Македонија

Кумановецот Кристијан Андреевски е новиот претседател на Боксерската федерација на Македонија. Тој е досегашниот прв човек на боксерскиот клуб „Куманово 84“.

Андреевски бил едногласно изгласан од  29 клубови кои биле присутни на Вонредното изборно собрание на Националната боксерска федерација викендов во Скопје во конференциската сала на СЦ „Борис Трајковски“.

За потпретседател на Федерацијата е именуван Оливер Станков претставник од БК „Аперкат“ од Скопје, додека технички секретар ќе биде кумановецот Бошко Тасиќ од БК „Куманово 84“.

Новиот претседател по изборот најпрво им се заблагодари на присутните и вети дека ќе работи пред се, на подигање на квалитетот на боксот и негова популаризација како спорт , не само во Македонија, туку и пошироко.

-Најпрво сакам да ви се заблагодарам за довербата која ми ја дадовте да ја водам Националанта боксерска федерација. Како претседател ќе ветам работа, за да боксот го подигнеме на уште поголемо ниво, да имаме квалитет и да направиме резултати со кои сите на крајот ќе се гордеме. Ние како Федерација ќе бидеме Ваш сервис и заедно со Вас ќе работиме во интерес на боксот, изјави Андреевски во своето прво обраќање по официјалното назначување како претседател на Федерацијата.