Лажни информации за обид за киднапирање деца во Куманово се шират на интернет

Откако во т.н. „Кумановска женска група“ на социјалната мрежа Фејсбук беа споделени тврдења за наводен обид за киднапирање на деца во населбата Перо Чичо, одговор побаравме од кумановската полиција која веднаш ги проверила информациите.

Оттаму тврдат дека разговарале со личноста и истата одбила да пријави било што во полиција, што наведува дека таков случај веројатно и немало.

Во групата беше изнесено тврдење дека околу 06:45 часот кај амбулантата во населбата Перо Чичо двајца мажи со сив автомобил застанале и почнале да ги влечат децата кон автомобилот. Децата некако избегале, ама не запомниле каков бил автомобилот и регистрацијата, стои во спорната објава.

Од Секторот за внатрешни работи велат дека нема повредено дете, а личноста не сакала да пријави ништо во полиција.

– Ве известуваме дека случај како наведениот не е пријавен во полициска станица. По објавата на социјални мрежи направени се проверки и утврдено е дека нема повредено дете. При разговор со член на семејството на децата на кои наводно им било наштетено, е одбиено да пријави било каков настан и се изјаснила дека децата не се повредени, велат од СВР Куманово.

Од полицијата апелираат да не се шират шпекулации и дезинформации и сите информации да се споделуваат и проверуваат до надлежните органи.

Коментари

коментар(и)