Лајонс клуб Куманово со донација за Општа болница

Навлаки за инвалидски колички Лајонс клуб Куманово донираше за потребите на Општа болница Куманово. Донацијата доаѓа како продолжение на претходната, кога подрачната служба на ФЗОМ од Куманово отстапи на трајно користење 86 инвалидски колички на болницата.

„Акцијата е во рамките на една поголема, на национално ниво“, велат од клубот, потенцирајќи дека и болниците од другите градови во земјава ќе добијат нови навлаки за инвалидски колички, со што ќе им се помогне на граѓаните кои што ќе имаат потреба од нив.

Лајонс клуб Куманово освен со кумановската болница, соработува и со други установи, институции и организации, а целта е преку хуманитарни акции да им се помогне на оние што имаат потреба од поддршка.

Кумановскиот Лајонс клуб функционира од 2007-та година. Годишно организира десетина хуманитарни акции, а досега здружението има реализирано над 150 активности со сопствени финансиски средства.

Донација на постелнини на детското одделение во болницата, новогодишни пакетчиња на децата во руралните средини и на членовите на здружението на слепи лица, хуманитарните настани „Чваркаријада“ и „Кумановска традиција“ се само дел од повеќето активности на Лајонс клуб Куманово.

Хуманоста и посветеноста на клубот да им се помогне на ранливите категории на граѓани во 2021-та година ја препозна и општина Куманово и по повод Денот на градот, Лајонс клуб доби плакета и благодарница за хуманитарни активности од градоначалникот Максим Димитриевски.

 

 

Коментари

коментар(и)