Основното училиште „Фаик Коница“ од село Слупчане беше домаќин на прославата „Празниците зближуваат“ за Курбан Бајрам на која присуствуваа ученици од различни етнички заедници и претставници на полициските служби. Пред присутните се говореше за суштината на големиот празник, а програмата беше исполнета со игра, традиционални ора и поетско читање. Манифестацијата е во рамки на проектот „Безбедни училишта“ кој го спроведува СВР Куманово во соработка со општините и ОБСЕ.
– Целта на денешната манифестација е да се запознае разликата на верската и етничката припадност но и да се согледаат потребите дека сите ние сакаме безбедно да живееме, да се дружиме и да се познаваме, затоа што она што е различно тоа е богатство, вели Виолета Богдановска, раководител на отсек за превенција.
Манифестацијата „Празниците зближуваат“ пет години по ред се оджува во различни училишта и заеднички се прославуваат муслиманските и христијанските празници. Ваквите заеднички празнувања ги зближуваат учениците, наставниците и родителите, посочија од училиштето „Фаик Коница“.
– Кога ги посетуваме другите училишта за верските прзници се запознаваме со обичаите и традицијата, учениците и колегите се дружат. Еве денеска се запознаа со Курбан Бајрам и што значи овој празник, вели Нагим Авдија, директор на ОУ „Фаик Коница“ с. Слупчане.
Целта на проектот „Безбедни училишта“ е запознавање на културата и обичаите на различни етнички заедници, а воедно и спречување на меѓуетничката нетрпеливост и нетолеранција.
