Метеж пред банките, се чека и по неколку часа

Пред банките во Куманово и денеска редици луѓе. Мерката за држење растојание од два метри се почитува само кај дел од банките. Иако за воспоставување ред и дисциплина се грижи обезбедувањето ангажирано од експозитурите, а забележливо е и присуство на полициски службеници во непосредна близина на банките во градот, сепак препораките за спречување на ширење на вирусот не се почитуваат до крај.

Ги прашавме граѓаните која е причината за секојдневниот метеж пред банките и кој треба да преземе мерки за решавање на проблемот.

„Народот не е виновен за гужвите, Владата да го реши проблемот, банките да отворат поголем број шалтери и филијали, се само дел од одговорите што ги добивме од кумановци кои што денеска на овој топол ден чекаа да влезат во банка дури и до три часа.

-Владата треба  да воведе ред, не можат граѓаните, изјави анкетиран граѓанин.

-Народот си бара пари, ова е нормална појава, само треба да се зголеми бројот на шалтери, а народот мора да живее.

-Луѓето се караат, дури по 4 часа чекаат, Владата треба да го реши проблемот, катастрофа.

-Ова се должи на неработа, нема никаква организација, прво банката треба да воведе ред, а потоа и надлежните институции.

-Три часа чекам да внесам пари, а не јас да земам од банката, ова е разочарување.

-Чекам еден час, ова никогаш не било, 62 години имам, граѓанинот не е виновен, но ова мора да се среди, греота е да се чека на сонце, Владата треба да го реши ова, изјави кумановец.

Во обид да добиеме одговор какви мерки преземаат за намалување на метежот, надлежните во поголемиот број од банките рекоа дека не се надлежни за давање изјави за медиуми, а потребните информации да ги побараме во централните банки.

Инаку, што се однесува до носењето заштитна маска слободно може да се каже дека поголем дел од граѓаните ја почитуваат препораката, особено откако зачестија контролите од полициските службеници на терен, но и казните за не носење заштитна опрема во износ од 20 евра.