На седми октомври годинава во Куманово ќе се одржи Меѓународното првенство во бокс „Отворен Балкан“ на ниво на Србија, Македонија и Албанија. По тој повод, градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски денеска оствари средба со претседателот на Боксерскиот сојуз на Србија, Ненад Боровчанин, претседателот на Националната боксерска федерација Фатон Салиху и претставници на боксерскиот клуб „Куманово 84“. На средбата се разговараше и за претстојното учество на Боксерскиот клуб „Куманово 84“ во регионалната лига, во која ќе учествуваат спортисти од поранешните југословенски простори. Конкурентност кон светот, проширување на пријателството, зајакнување на регионот и просперитет се примарните цели поставени во рамките на овој боксерски натпревар, кој воедно е и прв спортски проект во иницијативата „Отворен Балкан“ што ја започна и формираше претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и неговите колеги, лидерите на Северна Македонија и Албанија. Спортскиот настан ќе се одржи во средното училиште „Перо Наков“, со поддршка на Боксерскиот сојуз на Србија, Националниот боксерски сојуз и општина Куманово.