МОН: Учебниците ќе бидат доставени во текот на неделата
-Почетокот на учебната година е потсетник дека секое дете има право на квалитетно, достапно и инклузивно образование, без дискриминација и поделби, се вели во пораката од Народниот правобранител по повод почетокот на новата учебна година.
Народниот правобранител потсетува на обврската да се почитува правото на задолжително и бесплатно основно и средно образование, при што обезбедувањето на учебници, наставни и дидактички материјали, како и бесплатен ученички превоз, се само дел од предусловите за непречено одвивање на квалитетен образовен процес. Особено внимание треба да се посвети на вклучувањето на децата од ранливи и маргинализирани групи – деца во социјален ризик, деца со попреченост и деца од социјално загрозени семејства и да се исполни обврската за создавање услови за нивна редовност и еднаков пристап до образованието.
Не е прифатливо децата со попреченост да бидат исклучени или сегрегирани. Напротив, треба да се обезбедат соодветни индивидуализирани мерки и разумно прилагодување во рамките на редовното училиште, за да се поттикне нивниот академски и социјален развој, се вели во соопштението од Народниот правобранител.
Што се однесува до учебниците, доставата би требало да биде завршена оваа недела, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
„Во моментов има поплаки за некои учебници кои ги добиле учениците кои не се во добра состојба, но ќе се обидеме и за тоа да најдеме решение, истакна Јаневска.