Над 100 компании во кумановско добиле 700 илјади евра државна помош

„Над 100 компании од Куманово и кумановскиот регион добиле над 700 илјади евра директна финансиска поддршка од мерките и програмите кои се реализираат преку Министерството за економија и на Владата.

Тоа значи дополнителни инвестиции во периодот после завршување на кризата со пандемијата, но и отворање на нови работни места. Ние остануваме посветени во директна комуникација со бизнис заедницата да креираме мерки кои ќе произлезат од јавно-приватниот дијалог“, кажа министерот за економија Крешник Бектеши, кој вчера заедно со пратеникот во Собранието, Арбер Адеми и заменик-министерот за здравство Илир Хасани, беа во посета на повеќе компании од преработувачката индустрија, но и туристичко угостителскиот сектор и занаетчии кои се корисници на мерките што минатата година се реализираа преку Министерството за економија.

Тој информираше дека отпочнале со реализација на мерките и програмите за 2021 година со објавување на три повици за финансиска поддршка на занаетчии, жени претприемачи и микро и мали компании преку Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво (КИП).