НА СМЕШКУ, НА ШАЛУ, ЈУТРЕ СВИ НА СТЕНД-АП ФЕСТИВАЛ!

Плоштад: Г-дине Ивановски, кажете ни зошто стенд-ап фестивалот НА СМЕШКА треба да се организира секоја година во Куманово?

Драган Ивановски Шани, директор на ТВ „Плус“, автор и извршен продуцент на хумористичното шоу „Нема љутиш“, актер, новинар:

Сериозно, но многу често се имам фатен заробен во мислата како од овој град, што патем речено не можам да си го препознаам во последните 20-тина години, да направиме место во кое, пред сè, сите ние што живееме тука би се чувствувале релаксирани, позитивни, насмеани и со гордост како некогаш би истакнувале дека сме кумановци и дека сме најдобри, а не лажно како сега, а потоа би привлекле можеби и љубопитни луѓе со авантуристички дух да дојдат и да го посетат Куманово.

Тоа значи дека нешто дефинитивно треба да се промени, додаде, а нешто богами и одземе како би имале некаков резултат во таа насока. Настаните што се случуваат да бидат масовно посетени и, како на времето, потем со денови и недели да се зборува за нив, а не како сега само да ги имаме на број и да се фалиме дека културолошки и забавно сме толку воздигнати само зато што има по некој настан во просек секој втор ден. Да, има настан со 5,10 до 20 посетители. Ако еднаш или два пати во годината се исполни салата во Центарот за култура, тоа ни служи само како потврда дека ние сме навистина град во кој секој би сакал да живее, а туристите да се нервираат што не можат да најдат слободна соба за преноќиште.

За да се случи навистина првата опција на која алудирам на почетокот, знам дека треба разновидни настани што ќе имаат оригинална идеја и содржина; треба и финансии за нештата да бидат на високо ниво и навистина да заличат на нешто авангардно. И затоа низ годините разговарав со еден куп луѓе за кои мислам дека ме разбираат на оваа тема, се убив испраќајќи полуразработени сценарија до надлежните кои би требало да водат сметка за оваа моја, можеби тенденциозна размисла, и обично се завршувало со муабетот „ПРАТИ ГА ТИ ПА ЌЕ ВИДИМО“. И праќав, и знаев дека не ги гледаат и се нервирав.

Не дека бев преокупиран со тоа, но од време на време повторно и повторно пролетуваше таа мисла низ моите ганглии, сè додека одеднаш не сфатив колку е едноставно. Можеби само треба да расчистиме со идејата дека треба да чекаме и да добиеме подршка од надлежните. 33 години чекавме и на дело гледаме што дочекавме. (За политички упатените да нагласам дека 33 е број. Не е Зоран Заев.) Си велам, веројатно е најдобро секој од нас да започне со она што му е најблиску, што најмногу го познава и во кое може да даде најголем придонес. Да започне сам, па попатно можеби и ќе му се приклучат некои истомисленици или сродни души. Како профа Бубе на времето со музичките бендови. И веројатно, не случајно, нема-нема па ќе слушнеш по нешто за тие добри стари времиња.

И преку ова, се надевам не предолго филозофирање, стигнав до главното што сакам да ви го најавам. Мене во последнава деценија најблиска тема ми е хуморот и медиумите. И скоро секогаш кога ќе помислам на хуморот веднаш со него се врзува и она општо прифатено мислење дека Куманово е шегобиен град и дека кај нас скоро секој втор одлично кажува вицеви или анегдоти, (можеби поради тоа и не можам да си го препознаам градот во последните 20-тина години). Та велам да направиме една вечер на оригинален кумановски хумор на која што ќе се натпреваруваат неафирмирани луѓе од различна возраст преку кажување на вицеви, анегдоти, сатирични колумни, имитирање и најновата и најпопуларна форма на хумор – stand up. За да биде вечерта комплетна би додале и веќе познати актери и хумористи и сето тоа би го зачиниле со малку квалитетна музика и интересни игри и комуникација со публиката.

И така се роди „НА СМЕШКА“, вечер на оригинален кумановски хумор за која имаме веќе пријавено кандидати кои ќе се натпреваруваат со акцент на тоа дека секој може да се пријави до последен ден па дури и додека трае настанот.

И види чудо!

Првин оваа идеја му се допадна на Слаѓан, па се вклучи во настанот преку Мулти Арт. Потоа на само еден обичен повик без премногу убедувања се редеа еден по друг. Горан Илиќ-Гиле, кој не ја признава формата на пензија за еден актер, „КУМАНИЈА“ – изгорени од желба да ви докажат дека сè уште се во одлична форма, потоа актуелните „Кабаре Кабает“, кои растураат по баровите низ градот, секогаш провокативната, во секоја смисла, Ивана Аткинс, лауреатот Марко Трајковиќ како модератор, а „Нема љутиш“ упаѓа во прикаската некако по дифолт. Како ги убедил „The Roamers“, знае само Цаци оти тој е по музиката.

На самиот крај сето ова доби подршка и од Општината. Можеби е симболична, ама БЕРЕМ не е одбиена.

Што друго да ви кажам, освен да ве повикам да ДОЈДЕТЕ. Можеби несакајќи ќе бидете сведоци на еден почеток нов бран културни збиднувања со некакви поинакви размислувања. Можеби е само МОЖЕБИ, ама можеби и ќе вреди.

Билетите по навистина симболична цена можете да ги купите пред Центар за култура во следните термини:

Понеделник 04.11.2024:

Од 10:00 до 14:00 и од 18:00 до 20:00

Вторник 05.11.2024:

Од 10:00 до 14:00 и од 18:00 до 20:00

Среда 06.11.2024:

Од 17:00 до 19:00 ако има.

На шала НА СМЕШКА ама можеби и за ова ќе се зборува!

 

 

Коментари

коментар(и)