Николоски: Од денеска стартува железничката линија Скопје – Куманово

Од денеска стартува новата железничка линија од Скопје до Куманово, најави министерот за транспорт, Александар Николоски.

Како што најави Николоски при посетата на Македонски железници транспорт, денеска во 16:30 часот ќе тргне возот од Скопје кон Куманово и ќе се патува 41 минута.

Ќе оперира два пати на ден, наутро во 06:30 ќе тргне од Куманово кон Скопје, а во 16:30 ќе се врати назад.

– Ќе имаме четири воза дневно кои што ќе оперираат за 41 минута. Од центар на Скопје до центар на Куманово ќе се патува за 41 минута, што многу ќе ја олесни комуникацијата помеѓу овие два града, ќе олесни комуникација за сите жители на Скопје кои што имаат потреба, работа или сакаат да го посетат Куманово, и секако ќе помногне на многу кумановци кои што доаѓаат тука, дали за работа, дали за образование, дали за здравствени потреби, административни потреби или едноставно доаѓат да поминат дел од своето слободно време, рече министерот Николоски.

Возот од Куманово ќе продолжи и до Бељаковце, бидејќи само до таму во овој момент имаме железничка линија. Министерот Николовски очекува  од октомври следната година истиот воз да оди и до Крива Паланка, кога ќе биде изградена пругата.

Инаку, новата железничка линија од Скопје до Куманово, министерот Николоски ја најави при пуштањето во употреба на новата пруга Куманово – Бељаковце од 31 километар на 17 јануари годинава. Тогаш рече дека за две-три недели ќе профункционира и нова железничка линија.

Редовната железничката линија меѓу Скопје и Куманово беше прекината во јуни 2022 година.